Почитувани,
Федерацијата за гимнастички спортови на Република Македонија Ве известува дека појавите на нелегално, нелегитимно и нестатутарно постапување на поединци (и здруженија) во одредени клубови за спортска гимнастика – членки на ФГСРМ (Битола, Кочани и Ѓорче Петров), кои беа констатирани на седница на Извршниот одбор и Собранието на Федерацијата одржани на 6 април 2024 г. (во Неготино), за жал и понатаму се присутни во несмален обем и истите предизвикуваат раздор и нефункционалност на ФГСРМ.
Имено, најновиот случај со електронски доставената „Покана за свикување седница за изборно собрание“ од страна на поединци – претседатели на неколку (три) клубови – членки на Федерацијата, со која се повикуваат легитимните членови на Собранието на Федерацијата на состанок на 15.07.2025 г. во просториите на клубот за гимнастички спортови „Орце Николов“ во Скопје, претставува уште еден обид за насилен „упад“ во Федерацијата, односно нелегално и нелегитимно постапување со грубо кршење на одредбите од Статутот на Федерацијата, за што се предвидени соодветни санкции (времена суспензија и исклучување) за сите поединци и клубови – членки на Федерацијата кои се инволвирани во овој случај.
Воедно, сакаме да Ве известиме дека Канцеларијата на Федерацијата е во тек со сите настани и при тоа, заедно со стручните служби на Федерацијата подготвува жалба – одговор на изречената опомена од Министерството за спорт на Република Северна Македонија, при што истовремено се планираат мерки и активности за отстранување на посочените недостатоци и подобрување на состојбите во спортската гимнастика. Воедно, во завршна фаза се и финалните предлог-измени на Статутот на Федерацијата, што заедно со сите актуелни збиднувања ќе бидат презентирани на планираната седница на Извршниот одбор на Федерацијата, која треба да се одржи веднаш по летните одмори во 2025 г.
10.07.2025 г. Претседател на ФГСРМ:
Љупчо Арнаудов